2,3 милиони евра финансиска поддршка за стартапите преку повикот „Стартапувај 5“
Фондот за иновации и технолошки развој денеска ги прогласи добитниците на финансиска поддршка преку јавниот повик „Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин оф“, преку кој 2,3 милиони евра се распределуваат за развој и поттикнување на иновативноста кај домашните претприемачи и започнувањето на сопствени бизниси...

Вкупно 61 проектни апликации (29 компании и 31 проектни тимови) се поддржани преку повикот „Стартапувај – 5“ кои ќе започнат со реализација на своите иновативни идеи и бизнис проекти поврзани со истражување и развој. Од вкупниот буџет на повикот, 2,3 милиони евра се инвестиција на ФИТР, додека 412 илјади евра се средства кои ќе ги инвестираат самите компании.
Во рамките на настанот, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили потенцираше дека навистина радува фактот што поддршката преку повикот „Стартапувај“, континуирано се зголемува во текот на годините, па денеска, заедно со овие 61 нови проекти, поддржани се вкупно 348 компании, односно 31% од вкупно поддржаните компании од сите инструменти на ФИТР кои реализираат или ќе ги реализираат своите бизнис идеи.
Халили додаде дека Фондот гледа навистина голем потенцијал во идеите на младите и иновативните луѓе, а доказ за тоа е и можноста која ја воведовме преку повикот „Стартапувај“, да аплицираат и проектни тимови, кои имаат обврска 30 ден од приемот на известувањето и селекцијата да регистрираат своја стартап компанија.
На повикот „Стартапувај“ кој е петти по ред, во ФИТР пристигнаа 363 проектни апликации од страна на компании и проектни тимови, што зборува за големиот број на ентузијасти и претприемачи кои благодарение на ваквите инструменти, чувствуваат храброст и смелост да започнат со реализација на своите иновативни идеи. Врз основа на одлуката на Комитетот за одобрување на инвестиции, одбрани се 61 проекти за финансирање во рамките на инструментот „Стартапувај“, кои од денеска ќе започнат со реализација на своите иновативни идеи и креативни решенија.
