Здравство

Уште 55 пациенти со цистична фиброза ќе примаат „Трикафта“

21.12.2023 14:40

Нова надеж за болните од цистична фиброза. Набавена е „Трикафта“ за следниве месеци, обезбедени се средства и за наредните две години. Ова значи дека ќе продолжи лекувањето на оние кое веќе добиваат терапија, но, постепено во третманот ќе се воведуваат и нови пациенти. Здравствената состојба на оние кои примаат „Трикафта“ е значително подобрена…

Уште 55 пациенти со цистична фиброза ќе примаат „Трикафта“. На секои 10 дена, на терапија ќе се вклучуваат по седум болни. Лекот ќе биде достапен за сите пациенти-обезбедени се пари за негова набавка во наредните две години. Во меѓувреме, на детската клиника пристигна „Трикафта“ за 12-те пациенти кои веќе ја примаат.

Лекот ќе го примаат сите пациенти кои ги исполнуваат условите и се постари од 12 години. Возрасната граница може да се намали со конзилијарно мислење на лекарите, веќе има две деца кои се во тешка состојба, вели директорката на Детската клиника, Фуштиќ.

Министерот за здравство смета дека во изминатиов период оправдан бил револтот што се создаде кај пациентите и нивните родители поради долгите бирократски процедури.

Кај 12 пациенти кои веќе примаат „Трикафта“, лекот дава резултати. Намалена е хоспитализацијата, на болните подобрено им е дишењето и тие можат да функционираат нормално.

Пациентите со цистична фиброза со години беа во неизвесност дали лекот „Трикафта“ кој го примаат пациентите во соседството ќе го има и во земјава. По неколку протести, здравствените власти ја набавија терапијата само за 12 пациенти.

Во земјава со цистична фиброза живеат околу 130 граѓани. Сите не ги исполнуваат условите за да ја земаат модуларната терапија.

Андријана Ѓурческа