Аерозагадувањето ги натера граѓаните да ги вратат маските
Скопје и уште неколку градови во државава и денеска регистрираат високо аерозагадување. Дозволениот праг на концентрација на штетните честички неколкукратно е надминат. Граѓаните се задушуваат во загадениот воздух…

Аерозагадувањето во метрополата ги натера граѓаните да ги вратат маските. Втор ден по ред, воздухот енормно загаден. Мерните станици покажуваат високо ниво на штетни ПМ честички.
Аерозагадувањето во комбинација со сезонскиот грип го отежнува дишењето. Лекарите апелираат без маска да не се излегува надвор, хронично болните да бидат исклучително внимателни.
Во Македонија има над 250 сончеви денови во годината. Според екологистите, ако го користиме сончевиот потенцијал доволно, и загаденоста ќе се доведе на минимум.
Да не се разговара за енергетската независност само во грејната сезона. Индустријата како примарен загадувач да биде под 24-часовен мониторинг, повикува советникот Јовановски од „Зелен хуман град“.
Според екологистите, субвенции и помош за домаќинствата се повеќе од потребни за да се префрлат на поеколошки начин на греење на домовите.
Александра Спировска
