Препораки поради загадениот воздух во Струмица и Кичево
Надлежните институции издадоа препораки до општините Струмица и Кичево каде последниве два дена се измерени високи концентрации на ПМ-10 честички. Струмичани го чувствуваат непријатниот воздух посебно навечер, а еко-активистите бараат контроли на индустриските капацитети…

По вторпат Министерството за животна средина со препораки до граѓаните во општина Струмица заради високата аерозагаденост. Завчера во Струмица беа измерени 185 микрограми на ПМ-10 честички на метар кубен, а вчера 206 што повторно го вклучи алармот кај надлежните.
„Се препорачува работодавците да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар со препорака на матичен лекар. Им се препорачува на работодавците да го реорганизираат работното време за лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот“-велат од Министерството за животна средина.
Струмичани тврдат дека загадениот воздух најмногу се чувствува во ноќните часови, па се принудени да не излегуваат надвор, заради што бараат преземање на одредени мерки од страна на институциите.
Еко-активистите сметаат дека индустриските капацитети се најголемите загадувачи во Струмица бидејќи за време на викендите аерозагаденоста се намалува.
Препораки поради загаден воздух струмичани имаа пред 20-тина дена, кога Струмица го надмина прагот или имаше два последователни денови високи концентрации на ПМ-10 честички.
Ване Трајков
