Авиосообраќај

Контролорите на летање го ставија штрајкот во мирување

21.12.2023 17:34

За новогодишните и божикните празници ќе има летови. Синдикалците од контролата на летање решија најавениот штрајк да го стават во мирување во очекување дека ќе наидат на разбирање кај раководството по објавениот оглас за вработување...

Контролорите на летање пишман, се премислија и нема да штрајкуваат. Летови ќе има в понеделник и за Нова година. По двочасовниот состанок, синдикатот донел одлука да го прифати огласот за кој рекоа дека е спорен оти со него ќе се вработел и непотребен кадар.

„Имаме опција да прифатиме 10 оперативно потребни кадри и двајца неоперативни или да не прифатиме се. На сметка на тоа дека ако отпаднат тие што ни се потребни кадри за сметка на тие двајца што не се потребни, ќе се доведе во прашање опстанокот на самиот систем во техника кој е на стаклени нозе поради застареност“, изјави Александар Тасевски, Синдикат на контролори на летање.

Сепак, синдикалците рекоа дека будно ќе го следат изборот на пријавените кандидати за да нема неправилности.

„Да се види како што стои и во колективниот договор, начинот на селекција на пријавените кандидати на овој конкурс. Другата е новонастанатата ситуација каде имаме 8 студенти контролори на кои сè уште не им е продолжен договорот, а им истекува на крај на годината и сè уште од министерство не е побарано продолжување на тој договор. И заради тоа што имаме полно луѓе кои живеат во странство и туристи кои сакаат да ја посетат Македонија, и заради тоа го прекинуваме односно го одложуваме штрајкот“, изјави Едмонд Калиќи, Синдикат на контролори на летање.

Министерот Бочварски вчера рече оти уште на состанокот со него, било констатирано дека синдикалците мораат да внимаваат да не ги оштетат граѓаните и авиосообраќајот. Ова е вторпат контролорите на летање да откажуваат штрајк, откако во октомври годинава се заканија дека ќе го затворат македонското небо. И тогаш по средбата со министерот за транспорт, попуштија и не штрајкуваа.

 

Катерина Топалова