Европа

Утре Ден на жалост во Чешка по масовното убиство на Карловиот универзитет во Прага

22.12.2023 09:46

Утре е прогласен Ден на жалост во Чешка по масовното убиство на Карловиот универзитет во Прага, во кое загинаа 14 лица, а 25-мина се ранети. Полицијата го истражува мотивот за злосторството, тврди не станува збор за меѓународен тероризам. Од светот пристигнуваат сочувства до семејствата на жртвите...

Чешка завиена во црно. Утрешниот ден прогласен за национален Ден на жалост во чест на жртвите од масовното пукање на Карловиот универзитет во Прага-инцидент незапаметен во историјата на земјата. Властите велат-нема индикации дека се работи за меѓународен тероризам.

„Би сакал да изразам голема тага и беспомошен гнев поради оваа апсолутно бесмислена загуба на многу млади животи. Најдлабоко сочувство до ужалените и брзо закрепнување на повредените. 23-ти декември ќе биде ден на државна жалост“, изјави Петр Павел, претседател на Чешка.

„Нема индикации дека овој грозоморен чин е поврзан со меѓународен тероризам или некакви странски настани“, изјави Вит Ракусан, министер за внатрешни работи на Чешка.

Граѓаните во шок и неверување. Палат свеќи во чест на жртвите и се надеваат дека напаѓачот брзо ќе биде заборавен.

„Заборавете го неговото име, неговата идеологија. Тие луѓе сакаат слава, да се зборува за нив. Но, ние дефинитивно, треба да го избришеме од сеќавањето“, изјави жителка на Прага.

Европските лидери изразуваат сочувство до семејствата на загинатите. Осуда за грозоморниот чин пристигна и од САД.

„Подготвени сме да обезбедиме дополнителна поддршка. Многу сме јасни во ставот дека секоја форма на насилство е несоодветна и опасна. Тоа е нешто против коешто секогаш ќе зборуваме гласно“, изјави Карин Жан-Пјер, портпаролка на Белата куќа.

24-годишниот напаѓач Давид К. уби 14 луѓе и рани уште 25 пред да биде пронајден мртов од властите.

„Одеднаш видов многу луѓе, се слушна пукање. Помислив дека е петарда кога одеднаш луѓето почнаа да трчаат. Дури кога ја видов полицијата ми беше јасно дека нешто се случува. Некои од нив ги креваа рацете додека одеа накај полицијата ставајќи до знање дека не се виновни. Почнав да снимам, иако сега мислам дека тоа не беше добар потег, но тогаш не размислував дека некој со пушка може да пука од далечина“, изјави Иво Хавранек, сведок.

Убиецот бил студент на Факултетот за уметности на универзитетот, каде што ги застрелал своите жртви. Пред крвавиот настан на Телеграм напишал дека го мрази светот и сака зад себе да остави што е можно повеќе болка.

 

Бојана Крстевски