Чешка завиена во црно по големиот масакр
Нема индикации дека се работи за меѓународен тероризам, велат чешките власти по масовното пукање на Карловиот универзитет во Прага. Утрешниот ден прогласен за национален ден на жалост во чест на жртвите …

Чешка завиена во црно. И небото плаче над Прага од болка за жртвите на убиецот од Карловиот универзитет. Се палат свеќи, се положуваат цвеќиња. Неверување и солзи по кобниот инцидент.
Граѓаните во шок. Се надеваат дека напаѓачот брзо ќе биде заборавен.
„Заборавете го неговото име, неговата идеологија. Тие луѓе сакаат слава, да се зборува за нив. Но, ние дефинитивно, треба да го избришеме од сеќавањето“, изјави жителка на Прага.
Владата на Чешка, утрешниот ден го прогласи за национална жалост. Велат-незапаметено масовно убиство во историјата на земјата.
„Најдлабоко сочувство до семејствата и брзо закрепнување на повредените. 23-ти декември ќе биде ден на државна жалост“, изјави Петр Павел, претседател на Чешка.
„Нема индикации дека овој грозоморен чин е поврзан со меѓународен тероризам или некакви странски настани“, рече Вит Ракусан, министер за внатрешни работи на Чешка.
24-годишниот напаѓач Давид К. усмрти 14 луѓе и рани уште 25 пред да биде пронајден мртов од властите. 10-мина од повредените се во тешка состојба.
„Помислив дека е петарда, кога одеднаш луѓето почнаа да трчаат. Дури кога ја видов полицијата ми беше јасно дека нешто се случува. Некои од нив ги креваа рацете додека одеа накај полицијата ставајќи до знаење дека не се виновни. Почнав да снимам, иако сега мислам дека не беше добар потег тоа, но тогаш не размислував дека некој со пушка може да стрела од далеку“, изјави Иво Хавранек, сведок.
Убиецот бил студент на Факултетот за уметности на универзитетот, каде што ги застрелал своите жртви. Пред крвавиот настан на социјалната мрежа Телеграм напишал дека го мрази светот и сака зад себе да остави што е можно повеќе болка.
Бојана Крстевски
