Масакрот во Прага во фокус на светските медиуми, осуда пристигнува од сите страни
Известувањето за убиените и повредените студенти го окупира вниманието на јавноста дури и во Израел, земја во војна со Хамас, како и на италијанските дневници. Осудата на масовното убиство пристигна од Брисел. Прв сепак, реагираше Вашингтон...

Масакрот во популарниот Каролинум, универзитетот за уметност и дизајн во Прага е вест број еден на светските медиуми. Известувањето за убиените и повредените студенти го окупира вниманието на јавноста дури и во Израел, земја во војна со Хамас, како и на италијанските дневници.
„Рафални истрели во срцето на Прага. Најмалку 14-мина се убиени, десетици се ранети. Убиецот се самоубил. Во чешката престолнина сè уште ја истражуваат заднината на пукотниците“, соопшти Михал Рабинович-водителка на вечерните вести на израелската телевизија Кан.
„Вооружен маж на универзитетот Каролинум во центарот на Прага уби 15 лица …“, рече водителката на вториот Дневник на РАИ-италијанскиот јавен сервис.
„Дали е ова терористички чин, го прашуваме нашиот дописник во Прага …“, известува водителката на третиот Дневник на РАИ-италијанскиот јавен сервис.
Осудата на масовното убиство пристигна од Брисел. Прв сепак, реагираше Вашингтон, а американскиот амбасадор Сабет меѓу насобраните Чеси положи цвеќиња на местото на трагедијата.
„Претседателот и првата дама се молат за семејствата кои ги загубија најмилите и за секого којшто бил погоден од овој акт на насилство. Во американско име, испраќаме сочувство, а на преживеаните во трагичниот настан им посакуваме брзо закрепнување. Федералните власти се во контакт со чешките кои го истражуваат инцидентот и сме отворени за натамошна соработка доколку е потребно“, изјави Карин Жан-Пјер, портпаролка на Белата куќа.
Инцидентот во Прага одново го отвори и прашањето за регионалната или глобалната безбедност пред претстојните празници, на што пред една седмица предупредија европските и американските надлежни агенции.
Зоран Богатинов
