Загадување од државните институции

Властите не го променија начинот на греење во државните институции, кои го загадуваат воздухот

22.12.2023 15:01

Судови, градинки, училишта, болници користат екстралесно гориво, што е едно од најтоксичните – ниту годинава властите не го променија начинот на нивното загревање.

Во секој град низ државата во урбаното јадро има јавни објекти кои се греат на нафта и секоја зима го загадуваат воздухот. Судови, градинки, училишта, болници користат екстралесно гориво, што е едно од најтоксичните – ниту годинава властите не го променија начинот на нивното загреевање. Апсурден пример е детската болница Козле, која лекува деца со тешки респираторни заболувања, во истовреме ги разболува затоплувајќи се на нафта која е еден од најголемите фактори за отровен воздух.

„Продолжуваме со нафта но планираме во иднина ако дозволат министерството за здравство и владата во оваа институција да се стават панели. Греењето да биде на струја и да ги намалиме трошоците. Годинава остануваме на нафта“, изјави д-р Јетмир Зибери – директор на детската болница Козле.

Скопје е на врвот, а во незавидна положба се и другите градови, Кичево, Струмица и Прилеп според мерните станици на Министерството за животна средина се најзагадените градови во државата.

Во Скопје, училишта во Драчево, Ѓорче Петров, Сарај и Шуто оризари и други објекти под надлежност на градот, користат нафта, дрва.

Од 80 јавни објекти, половина се приклучени на парно, 20-тина за загревање користат струја, три нафта, осум се загреваат комбинирано на нафта и друг енергенс, три на дрва и три на пелети. Обновлива енергија користат четири јавни објекти, комбинирано со нафта.

Во Прилеп, ПМ 10 – честичките мерните станици ги обоија во црвено, концентрациите се многу високи. Од 17 јавни објекти – 6 се загреваат на струја, 4 на нафта, три комбинирано на нафта, струја, пелети и дрво, три јавни објекти користат само дрво и еден гориво.

Во Струмица, аерозагадувањето е високо. Осум објекти на локалната самоуправа се загреваат на гас. Но повеќе од половина од објектите на државната управа користат нафта и дрво.

Од одделението за заштита на животната средина, велат дека најголемото загадување доаѓа од домаќинствата, концентрацијата на штетните ПМ честички е највисока по 15 часот, кога граѓаните доаѓаат од работа.

„Јагленот сè уште не е забранет законски за користење. Имаме сознанија дека се гори отпад од остатоци од дрва од иверки. Инспекцијата може да прави и прави надзор само врз регистрирани правни субјекти“, изјави Зорица Партинова – одделение за заштита на животната средина.

Гасификацијата и обновливите извори на енергија се можност граѓаните да се спасат од загадениот воздух.

За да се спроведат овие енергенси до домаќинствата, институциите и индустриските капацитети потребни ќе бидат неколку години, владина волја и финансиска поддршка на граѓаните.

 

Андријана Ѓурческа