Неверување и солзи по масакрот во Прага
Прага занеме по масовното убиство на Карловиот универзитет. Свеќи и цвеќиња во чест на жртвите. 24-годишниот напаѓач усмрти 14 и рани 25 луѓе пред да се самоубие. Полицијата објави видео од акцијата. Утре ден на жалост во Чешка…

Чешка завиена во црно. И небото над Прага плаче од болка за жртвите на масовниот убиец од Карловиот универзитет. Се палат свеќи, се положуваат цвеќиња. Неверување и солзи по кобниот инцидент.
„Мои пријатели студираат тука, навистина се истрауматизирани. Дојдов за да направам да се чувствуваат малку подобро“, вели Кристоф Унгер.
„Не само луѓето од улицата, туку сите треба да се соберат и да кажат-не дозволувајте да биде нормално ова“, рече Роберт Ханус.
Утрешниот ден прогласен за национална жалост. Властите велат-ова е незапаметено убиство во историјата на земјата, но не е поврзано со меѓународен тероризам.
„Најдлабоко сочувство до семејствата и брзо закрепнување на повредените. 23-ти декември ќе биде ден на државна жалост“, изјави чешкиот претседател, Петр Павел.
24-годишниот напаѓач Давид К. усмрти 14 луѓе и рани уште 25 пред да биде пронајден мртов од полицијата која објави видео од акцијата.
„Сторителот почувствувал дека обрачот се стега околу него, па го презел вообичаениот начин на дејствување во овие случаи – самоубиство. Полициски службеници го пронашле на покривот“, изјави Јозеф Јежабек, заменик-шеф на единицата за итни случаи.
10-мина од повредените и натаму се во тешка состојба.
„Единствениот пациент кој не се здобил со прострелна рана, рипнал од прозорецот додека бегал од напаѓачот. Сите други се со многу сериозни повреди од прострелни рани и оперирани“, изјави Павлина Данкова, портпарол на универзитетската болница Мотол.
Убиецот бил студент на факултетот за уметности на универзитетот, каде што ги застрелал своите жртви. Пред крвавиот настан на социјалната мрежа Телеграм напишал дека го мрази светот и сака зад себе да остави што е можно повеќе болка.
Бојана Крстевски
