Високи концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички во повеќе градови
Подобро од вчера, но далеку од добро за човечкото здравје. Ова е малата утеха со која треба да се задоволат граѓаните следејќи ги мерењата на државниот мониторинг систем. Сè уште се мерат високи концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 на повеќе места во земјава…

Метрополата се гуши во смог. Дозволениот праг на концентрација на штетните честички неколкукратно е надминат. Аерозагадувањето им прави проблеми, особено на хронично болните. Лекарите препорачуваат без маска од дома да не се излегува. Граѓаните бараат државата да го реши проблемот еднаш-засекогаш.
Отровниот воздух најмногу ги погодува најмалите. На Клиниката за белодробни заболувања хоспитализирани се 67 деца со респираторни инфекции. Има и доенчиња до три месеци кои се со тешка клиничка слика. Ризик фактор е аерозагаденоста, велат лекарите.
Бројот на малигни заболувања е во пораст, меѓу другото и поради загадениот воздух. Според податоците на Светската здравствена организација ПМ 2,5 честичките влегуваат подлабоко во респираторниот систем и белите дробови и можат да предизвикаат канцер. Најопасни се оние честички што настануваат од процесот на согорување, а кај нас огнот е доминантен, не само како извор на греење, туку и во индустријата.
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат да не очекуваме ветар за да се расчисти смогот. Следат повеќе сончеви денови од наредната недела.
Од невладините организации бараат состојбата со аерозагадувањето да почне да се решава со долгоочекуваниот Фонд за животна средина, којшто властите треба да го воспостават како независен финансиски механизам.
Од еколошките здруженија велат дека државата мора да преземе итни мерки за да се намали загадувањето во градовите. Да се субвенционира енергетска ефикасност за домовите и субвенции за инсталирање на фотоволтаици на куќите.
Александра Спировска
