Администрација

Вработувања во јавниот сектор без потпис од Бесими

22.12.2023 15:09

Од 1-ви јануари вработувањата во јавниот сектор и во администрацијата ќе се реализираат без досегашниот потребен потпис од Министерството за финансии. Според Бесими, станува збор за децентрализација на вработувањето…

Државни вработувања без амин на Министерството за финансии. Од Нова година секое ново работно место во јавниот сектор ќе може да се реализира без согласност на министерот Бесими, потпис ќе ставаат ресорните министри и менаџери на институции. Но, само доколку вработувањата за текот на годината бидат предвидени во годишните планови.

Ова го предвидуваат измените во Законот за буџет и Законот за извршување на буџет кои се во собраниска процедура. Важно во новата реформа е тоа што за секој објавен оглас, раководното лице ќе мора да потпише изјава за кривична и морална одговорност дека таа институција обезбедила доволно средства за да има нови вработувања. Тоа значи дека доколку во одреден сектор, нема доволно пари, а плата се дели на нови работници, раководното лице ќе одговара кривично.

Но, кој ќе го врши надзорот, министерот Бесими денеска немаше одговор. Оваа новина која ќе стартува на 1-ви јануари не е пракса во развиените земји. Тој денеска реформата ја образложи и во Собранието пред пратениците.

Ваквата реформа според министерот Бесими доаѓа по анализите кои покажале дека дури две третини од барањата за нови вработувања, биле одбиени. Според Бесими, досега институциите често си барале повеќе работни места отколку што имале потреба.

Ова не е решение за натрупаната администрација, но е чекор напред, смета Бесими.

Марина Доковска