Симовска на местото на Јовески до изборот на нов републички обвинител
Обвинителката Соња Симовска избрана за в.д. републички јавен обвинител. Нејзиниот мандат не смее да трае повеќе од шест месеци. Јовески заминува во пензија…

Соња Симовска ќе ја врши функцијата државен јавен обвинител, не подолго од шест месеци, сè до именување на нов државен обвинител, едногласно одлучи на седница Советот на јавни обвинители. На актуелниот обвинител Љубомир Јовески мандатот му истекува на 25-ти декември годинава.
Членовите на Советот при гласање истакнаа дека Симовска е обвинител кој има долгогодишно искуство, која е докажана во својата професија, ги познава состојбите во Јавното обвинителство, но има и има и позитивни резултати во своето работење. Како што објаснија од Советот, барањето од Владата за давање на мислење е пристигнато во Советот на јавни обвинители. Советот има рок од 15 дена да даде образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за секој од кандидатите коишто се пријавени и коишто ги исполнуваат законските услови.
Фатиме Фетаи, Лидија Раичевиќ и Љупчо Коцевски се тројцата јавни обвинители, кои аплицираа за функцијата државен јавен обвинител.
Владата, откако ќе го добие мислењето од Советот, утврдува еден кандидат и го предлага до Собранието. Ако пратениците не го изгласаат, се повторува огласот, т.е. целата постапка.
Според Законот, за јавен обвинител може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право. Јавниот обвинител има мандат од шест години и право на реизбор.
Игор Панов
