МВР

Спасовски: Врвна подготовка, размена на податоци и координиран ангажман за брз и ефикасен одговор во справувањето со илегална миграција

22.12.2023 15:29

Денеска во Кавадарци успешно беше реализирана тактичко-показна вежба РЕФЛЕКС 2023, во реализација на Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ...

Денеска во Кавадарци успешно беше реализирана тактичко-показна вежба РЕФЛЕКС 2023, во реализација на Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ, како дел од Одделот за гранични работи и миграции, со поддршка на ФРОНТЕКС, Хеликоптерската единица на МВР, а во соработка со Општата болница Кавадарци, на тема справување со прекуграничниот криминал, односно спречување на кривично дело „криумчарење на мигранти“, преку заедничка координирана соработка на повеќе организациски единици при МВР во соработка со Општина Кавадарци. Присутни на вежбата беа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, дел од раководството на МВР и БЈБ, ВД заменик амбасадорот на САД, Мајкл Кернс, градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев, претставници на Македонскиот полициски синдикат, на ФРОНТЕКС и на ОБСЕ.

Министерот Спасовски во своето обраќање истакна дека МВР континуирано презема засилени мерки и активности за справување со оваа закана и спречување нејзино ескалирање.

„Во однос на обидите за илегални преминувања, најголемиот притисок години наназад е токму на границата на Република Северна Македонија со Република Грција, а годинава имаме за 50% намалување на бројот на обидите за илегално преминување на границата, при што се откриени 12.000 мигранти. Тоа се должи на зајакнатите мерки и поефикасната контрола – како на самата гранична линија, така и преку работењето на пунктови во внатрешноста и, секако, вклученоста на припадниците на Фронтекс. Бројот на откриени случаи на криумчарење на мигранти на подрачјето на Регионалниот центар Југ е сличен со минатата година, со откриени 75 случаи во обид да се прокриумчарат 948 илегални мигранти, но ако го земеме предвид фактот дека бројот на мигранти во 2023 е намален за половина од лани, тоа говори за поголема ефикасност при откривањето на овие кривични дела годинава“, рече Спасовски. Притоа, тој го потенцираше значење на реализацијата на вакви вежби.

„Секогаш имаме предвид дека при одговарањето на овој глобален предизвик, покрај на безбедносниот, мора истовремено да внимаваме и на хуманиот аспект, имајќи ја предвид ранливоста на мигрантите, и водејќи сметка за почитување и заштита на основните права на секое лице мигрант. Оттука и важноста на денешната тактичко-показна вежба. Впрочем, преку ваквите симулациски вежби, полицијата активно се подготвува за предизвиците од секојдневната работа, кои бараат врвна подготовка, размена на податоци и координиран ангажман. Затоа, симулациите играат клучна улога во подобрувањето на полициската подготвеност и на нашите капацитетите за брз и ефикасен одговор. Така ја зајакнуваме нашата безбедност, а рамо до рамо со полициските службеници од Фронтекс и безбедноста на европските граници“, истакна Спасовски.