Советот за безбедност ја одобри резолуцијата за хуманитарна помош во Појасот Газа
Со воената операција во Газа, Израел создава огромна пречка за дистрибуција на хуманитарната помош од која зависат повеќе од два милиони луѓе – дециден генералниот секретар Гутереш. Советот за безбедност ја одобри резолуцијата за зајакнување на хуманитарната помош во енклавата, но таа не повикува на итен прекин на огнот…

Советот за безбедност на Обединетите нации го усвои текстот на резолуцијата за Појасот Газа, со која се бара итно забрзување на испораката на помош за цивилите во палестинската енклава. Генералниот секретар на ООН, Гутереш изјави дека пречка за испорака е израелската офанзива. Хамас објави дека резолуцијата е недоволен чекор, бидејќи нема да обезбеди доволно количества помош. Исто така потврдија дека нема да има дополнително ослободување на заложниците додека Израел не се согласи на целосен прекин на агресијата.
„Луѓето гладуваат. Немаат вода, храна, лекови. Нацрт-резолуцијата што Советот ја изгласа има за цел да помогне во решавањето на оваа нехумана ситуација, да ги ублажи страдањата и болката меѓу милиони цивили“, изјави Ријад Мансур, постојан претставник на Палестина во Обединетите нации.
„Ако овој Совет сака да стави крај на непријателствата, треба да почне со поддршка на мисијата на Израел за враќање на заложниците и елиминирање на заканата од Хамас. Во најмала рака, тој мора да го спречи зајакнувањето на Хамас. Исто како што овој Совет е посветен на зголемување на помошта, треба да исто така, да биде посветен на блокирање на шверцот на оружје и пренос на оружје за терористите“, нагласи Брет Џонатан Милер, заменик-постојан претставник на Израел во Обединетите нации.
Претходниот еднонеделен прекин на огнот донесе зголемен проток на помош во Газа. Преговорите за ново примирје се одвиваат во Каиро, Египет, иако првичните разговори во средата не доведоа до договор. Во меѓувреме Европската комисија усвои пакет-помош во износ од 118 милиони евра за поддршка на палестинските власти.
Маријана Димовска
