Културно наследство

Вредните мозаици недоволно се заштитуваат

23.12.2023 11:06

Откриените мозаици в Охрид и охридско кои припаѓаат на ранохристијанската култура и од античкиот период се дел од културното наследство кое е на списокот на УНЕСКО. Според некои експерти тие недоволно се заштитуваат поради што временските услови, а пред сè влагата негативно влијаат врз нив. Неопходен е постојан мониторинг и конзерваторски активности доколку сакаме ова богатство да им го пренесеме на идните генерации …

Мозаиците во Охрид и Охридско кои се распослани на 22 локации се дел од светското културно наследство по кои меѓу другото е препознатлив овој наш град музеј. На Плаошник на мал простор можат да се видат можеби најзначајните мозаици во земјава и пошироко, што датираат од средновековието и антиката од кои се воодушевуваат македонските и странските експерти, но според дел од нив тие не се доволно заштитени.

„Потребен е еден организиран, значи едно организирано одржување на сите овие објекти кои се најдени. Меѓутоа сите бараат постојана нега. Значи ниедна конзервација или реставрација не е доволна да го заштити само, туку треба едно континуирано и макотрпно работење за да се одржи и зачува ова културно наследство“, вели Никола Упевче-академски сликар, мозаичар.

Упевче кој беше дел од конзерваторскиот и реставраторскиот тим што на Плаошник интервенираше на повеќе од 2.000 метри квадратни мозаични површини смета дека ова културно наследство треба повеќе да се промовира во светот.

„Значи публикување во стручни-научни конференции, во стручни-научни публикации. Сепак да се постават едни морални и естетски критериуми кои ќе ги задоволат и највисоко префинетите вкусови, затоа што се работи сепак за еден вид светско културно наследство“, додава Упевче.

Како што вели Упевче, доколку соодветно не се грижиме за мозаиците и останатото археолошко наследство, подобро е да го оставиме под слоевите земја, бидејќи на тој начин ќе биде најдобро сочувано.

Сашо Нелоски