Подобрената деловна клима ја намали скриената економија
Иако над просечното ниво од 15 насто, Македонија успешно се справува со овој предизвик, споредено со Грција, која до пред извесен период бележеше рекорд, Косово со 50 насто присуство на сивата економија, а Бугарија со 45 насто...

Тенденција на намалување на скриената економија во земјава. Во последните десетина години од 45 насто е намалена на 20. Иако над просечното ниво од 15 насто, Македонија успешно се справува со овој предизвик, споредено со Грција, која до пред извесен период бележеше рекорд, Косово со 50 насто присуство на сивата економија, а Бугарија со 45 насто.
„Тоа е заслуга на подобрената деловна клима, првенствено во областа на даночната политика, рамниот данок си го одигра своето, особено персоналниот данок на доход, потоа фискализацијата имаше силно влијание, гилотињата којашто беше спроведена во областа на администрацијата и ги кочеше приватните иницијативи, исто така, брзината за отворање бизнис, разните ослободувања од административни бариери итн. Се на се, мислам дека успеавме во изминативе седум-осум години сепак да ја сведеме неформалната економија на едно прифатливо ниво“, смета универзитетскиот професор Томе Неновски.
Скриената економија негативно влијае на продуктивноста на општеството, на економската моќ, ја намалува конкурентноста и го блокира приливот на странските директни инвестиции. Најзастапена е во трговијата, индустријата, потоа во надворешно – трговската размена, земјоделството и во градежништвото.
„Карактеристично за европските походи за справување со сивата економија е тоа што тие се концентрираат повеќе кон угнетувачки мерки, а не кон стимулирачки за водење легален бизнис“, додава Љубомир Мишков, професор на универзитетот Шефилд.
Експертите со препораки да продолжат кампањите за отстранување на последиците, да се подигне свеста на граѓаните да ги почитуваат институционалните рамки, легислативата, да се воспостави траен и одржлив економски раст на земјава, како и да се задржи стабилноста на даночниот систем. Центарот за изучување на демократијата од Бугарија и Центарот за истражување и креирање политики од Македонија почнаа проект за набљудување и справување со сивата економија.
Сања Спиридонова
