Свет

Чешка тагува: Ден на жалост по масакрот во центарот на Прага

23.12.2023 12:23

Ден на жалост во Чешка по масакрот во центарот на Прага, каде во четвртокот, 24-годишен студент застрела и уби 15 луѓе, а повреди над 20. Ожалостени граѓани оставаат цвеќе и палат свеќи пред Карловиот универзитет…

Знамиња на половина копје, црковните камбани го пробиваат тешкиот воздух во Прага. Ден на национална жалост во Чешката Република. Шокот и неверувањето, се претворија во длабока болка и тага поради жртвите по незапамтеното злосторство кое се случи во срцето на историскиот град. Во центарот на Прага, пред Карловиот универзитет, се собраа политичари, студенти, пријатели на загинатите, со солзи во очите, палат свеќи, оставаат цвеќиња и оддаваат почит.

„Наш пријател е застрелан во инцидентот, им изразувам сочувство на семејствата. Навистина сум многу тажна.“

„Јас сум студент на овој универзитет. Не можете да не се сочувствувате со сето ова. Иако немам пријатели кои настрадаа во инцидентот, сепак, сочувствувам со целата ситуација. Сосема е видлива тагата меѓу луѓето, но мора да се обидеме да го надминеме сето ова“, изјави Јакоб Вашак.

Полицијата ја отфрли можноста дека нападот е поврзан со меѓународен тероризам, но интензивно ги истражува причините за грозоморниот чин на 24 годишниот студент Давид К. кој уби 14 лица, 25-мина рани, а потоа се самоуби. Извесно е дека напаѓачот држел поголем арсенал на оружје, кое легално го поседувал. Дел од чешките психолози веруваат оти нивната земја е сè уште една од најбезбедните, а масовното пукање во Прага е изолиран инцидент.

„Верувам дека сè уште сме една од најбезбедните земји, бидејќи како што знаете ова е изолиран случај. За разлика од она што се случува во Европа, не станува збор за екстремисти, туку за изолирана индивидуа. Првично можно е да живееме во недоверба и да се прашуваме што се случи и тоа е добро бидејќи ќе нè направи повнимателни“, изјави Томаш Ректор – психолог.

По масовното убиство, полицијата ги засили безбедносните мерки во чешката метропола кои ќе траат најмалку до 1-ви јануари 2024-та. Распоредени се голем број полициски службеници околу Карловиот универзитет и во центарот на градот. Вчера на плоштадот во Прага полицијата уапси маж под сомнение дека носел бомба.

Маја Стојанова