Воен конфликт

„Блага“ резолуција на Советот за безбедност за Газа, Гутереш го обвини Израел дека создава пречки за хуманитарната помош

23.12.2023 13:02

Во Советот за безбедност на Обединетите нации помина резолуцијата за Газа. Ама, текстот претставува многу поблага варијанта од она што претходно беше поднесувано. Се повикува само на забрзување на испораката на хуманитарна помош, но не и на итен прекин на огнот. Ниту Израел, ниту Палестинците не се задоволни. Дополнително, офанзивата на силите на Тел Авив сериозно го комплицира процесот на доставување на помошта до цивилите…

Советот за безбедност на Обединетите нации го усвои текстот на резолуцијата за Појасот Газа, со која се бара итно забрзување на испораката на помош за цивилите во палестинската енклава. Генералниот секретар на ООН, Гутереш изјави дека пречка за испораката е израелската офанзива.

„Вистинскиот проблем е што начинот на кој Израел ја спроведува оваа офанзива создава огромни пречки за дистрибуција на хуманитарна помош во Газа. Ефикасната операција за помош во Газа бара безбедност на персоналот, логистички капацитет и продолжување на комерцијалната активност. Овие елементи не постојат“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.

Хамас објави дека резолуцијата нема да обезбеди доволно помош. Исто така потврдија дека нема да ослободуваат на заложници додека Израел не се согласи на целосен прекин на агресијата.

„Луѓето гладуваат. Немаат вода, храна, лекови. Нацрт-резолуцијата што Советот ја изгласа има за цел да помогне во решавањето на оваа нехумана ситуација, да ги ублажи страдањата и болката меѓу милиони цивили“, нагласи Ријад Мансур, постојан претставник на Палестина во Обединетите нации.

„Ако овој совет сака да стави крај на непријателствата, треба да почне со поддршка на мисијата на Израел за враќање на заложниците и елиминирање на заканата од Хамас. Во најмала рака, тој мора да го спречи зајакнувањето на Хамас. Исто како што овој совет е посветен на зголемување на помошта, треба да исто така, да биде посветен на блокирање на шверцот на оружје и пренос на оружје за терористите“, рече Брет Џонатан Милер, заменик постојан претставник на Израел во Обединетите нации.

На фронтот продолжуваат нападите, расте бројот на цивилни жртви. Претходниот еднонеделен прекин на огнот донесе зголемен проток на помош во Газа. Преговорите за ново примирје се одвиваат во Каиро, Египет, иако првичните разговори во средата не доведоа до договор.

Маријана Димовска