МРТ пишува историја- пред 5 децении емитуван првиот директен пренос

05.06.2014 17:18

На денешен ден пред 50 години реализиран првиот директен пренос на тогаш Радио-телевизија Скопје. Тоа тогаш го можел уште Белград...

Малкумина знаат дека на Црн Врв пред 5 децении се пишуваше историјата на македонското информативно небо. Преку пет киловолтниот предавател на Црн Врв се емитува и оди дриектно телевизискиот пренос, токму пред пет децении. Тишина снимаме, беа првите зборови на групата известувачи меѓу кои и нашиот соговорник Драги Аргировски, долгогодишен уредник на МРТ.

Пред пет децении токму од Црн Врв е направен првиот директен пренос...

„Иако се поминати 50 години се сеќавам како да беше вчера. Тоа беше еден од најзначајните настани од историјата на Македонската телевизија.  Овдека се одржа тој директен пренос од свеченото пуштање на тој предавател, беше тоа голема и свечена значајност. Мислам дека ја остваривме зацртаната цел. Во тоа време беше цел преку овој предавател да може цела Македонија да гледа Македонска телевизија, а и останатеите кои ги пренесувавме, бидејќи јачината на предавателот беше да се покрие поголем дел од она што не беше покриено дотогаш со предаватели и репетитори низ Македонија. Имавме прекрасна програма што ја водеше Бранка Станковска. Директниот пренос го врше двајца репортери, Илија Бадев и Љубен Апостоловски, јас бев нивни помошник со тоа што го подготвив и прилогот што одеше за Белград со снимателот Ѓоко Поповски. Така што имавме целосно известување од овој значаен настан“, се сеќава Аргировски.  

Од оваа временска дистанца Аргировски вели дека тој ден бил историски, бидејќи освен во Белград, никаде во регионот не се вршел директен пренос.

„Постоењето на радиото во овие 7 децении има голема значајност, а посебно и делот на телевизијата, која има 50 години  има големо значење што бевме први во овој дел на Балканот. Тогаш немаше телевизија ниту во Бугарија, ниту во Грција, ниту во Албанија, па ниту во Турција. Имаше единствено во Србија, во телевизија која беше во склоп на ЈРТ. Така што многу значеше тој развој на нов медиум, а ние ги вложувавме сите напори во него. Потоа се создаде можност, покрај  ова на 14 декември 1964 година да почнеме да го емитуваме и првиот ТВ весник, а тоа исто беше многу значаен ден во историјата на Македонската телевизија“, нагласува Аргировски.

Контитнуитетот на МРТ е неприкосновен аргумент и е доказ сам за себе, исто како што е доказ и пет киловолтниот предавател, кој постои пет децении, и којшто постојано се реновира и унапредува. Тука има највисоки стандарди за емитување, HD резолуција.

 

Зоран Богатинов