Македонија

И по четири години не е отстранета опожарената шума кај Езерото Младост

24.12.2023 10:28

Опожарените дрвја во околината на Езерото Младост ниту по четири години не се отстранети. Од Шумското стопанство велат-тоа се приватни парцели и сопствениците треба да ги исечат…

Изгорената шумска маса на Езеро Младост не е во сопственост на ЈП Национални шуми и тие не може да ја отстранат. Ова е објаснувањето, по дилемата на посетителите на овој рекреативен центар, зошто уште има изгорени дрвја од големиот пожар во летото 2019-та година. Иако минаа четири години, во близина на крајбрежјето може да се видат опожарени дрвја.

Изгорените дрва од пожарот летото 2019-та, сè уште сведочат за големата огнена стихија, која ја опустоши шумата од околината на Езеро Младост. На 26-ти август изгореа 409 хектари, од кои 169 беа под шума, црн бор, стара 50 години, засаден при создавањето на акумулацијата.

Деновиве заврши пошумувањето на реонот во околината на Езеро Младост, Бела вода, каде на околу 30 хектари вработените на ШС Бабуна за два месеци, а во неколку акции заедно со волонтери, засадија 50 илјади садници на јасен, јавор и багрем.

Следната година се најавува дека ќе за засадува површината на селото Караслари, каде во март 2019-та изгореа 60 хектари борова шума.

Петар Печков