Македонија

Иницијативата за градски парк во Тетово тапка во место

24.12.2023 11:05

Општина Тетово сè уште без конкретен одговор на барањето на „Иницијативата Тетово сака парк“ која предлага локациите на поранешните фабрики „Монопол“, „Шик Јелак“ како и просторот околу „Жена паркот“ и поранешниот „Спортски центар“, да се пренаменат во градски парк. И по речиси две години од барањето, иницијативата тапка во место, а градот сè повеќе се гуши во бетон и асфалт…

Ретките слободни јавни површини во градот општината не ги одржува. Запустени и обраснати со трева и трње, го грдат долниот дел на градот. Од Иницијативата „Тетово сака парк“, велат дека токму овие парцели треба да се пренаменат во парковска површина.

Но, игнорантскиот однос на властите, говори колку се тие загрижени за граѓаните и нивните барања за похумано живеење.

Во Тетово речиси секој чекор се бетонизира и асфалтира, а можеби со запуштените слободни површини, урбаната мафија веќе се крои планови, велат од иницијативата.

Од Општина Тетово, велат дека издвоени се средства за уредување на слободните парцели кои ќе се пренаменат во паркови и спортски терени, ветување кое локалните власти го даваат речиси секоја година, но реализација на терен нема.

Иницијативата „Тетово сака парк“ предлага локациите на поранешните фабрики „Монопол“ „Шик Јелак“ како и просторот околу „Жена паркот“ и поранешниот „Спортски центар“ да се пренаменат во градски парк. Оттаму велат дека нема пречки за реализација на идејата, оти голем дел од површините кои се предлагаат се на државно земјиште.

Зоран Димовски