Економија

Празниците ќе го испразнат домашниот буџет

24.12.2023 12:46

Граѓаните се веќе растрчани по пазарите. За едните цените високи, другите велат се движат во рамките на очекуваното. Пазарџиите велат, нормално е во овој период дел од производите да се продаваат поскапо, па така, секој си прави есап според длабочината на џебот…

Искуството говори дека пред новогодишните и пред божикните празници, цените на производите на пазарите и во маркетите се сè повисоки.

Тезгите полни, граѓаните ги прават подготовките за празниците. Секој со своите можности. Едни се жалат на високи цени, други велат дека се движат во рамките на очекувањата.

„Поскапо е, како не.“

„Поскапо е, почнуваат и месото и млечните производи да имаат повисоки цени.“

„Не сум забележал, мислам дека се истите цени.“

„Постојано пазарам тука, мислам дека се истите цени. Ако на некој му е скапо, нека проба нека произведе, може ќе му е поевтино“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Продавачите велат дека поскапувањето на производите не е поради празниците, туку поради сезоната.

„Не се причина празниците, туку сезоната. Во зимскиот период производите се произведуваат оранжериски. Оранжериите се загреваат со енергенси, а штом се трошан енергензи, производите се поскапи“, вели еден продавач на земјоделски производи.

Оваа година инфлацијата уриваше рекорди, па власта се одлучуваше за замрзнување цени и маржи. Очекувањата се дека во 2024-та ќе имаме постабилна состојба.

Министерот за финансии Бесими при кроењето на државната каса за в година рече дека очекува двојно намалување на инфлацијата, којашто се проектира дека ќе се движи околу пет проценти, наспроти двоцифрените стапки што ги имавме во 2023-та.

Ана Јосифоска – Тодоровска