САД бараат заштита на цивили, не прекин на огнот
Бајден и Нетанјаху разговараа за војната на Блискиот исток. Американскиот претседател не побарал прекин на огнот. Хамас го обвини Израел за погубување цивили и побара меѓународна истрага. Во Тел Авив протести…

И покрај зголемените меѓународни повици за крај на крвопролевањето, Израел вети дека ќе ја продолжи борбата додека Хамас не биде отстранет од Газа и додека не се ослободат сите заложници. Шефот на Белата Куќа бара Израел да ги заштити цивилите во Појасот Газа, но не и прекин на огнот.
„Денеска имав долг разговор со Нетанјаху и тоа приватен разговор, но не побарав прекин на огнот“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.
Властите во Тел Авив велат дека уапсиле 200 членови на Хамас и исламски џихад во изминатата недела. Во соопштението се вели дека некои од осомничените се криеле меѓу цивилното население и се предале доброволно.
„Копнената операција овозможува темелно уништување на оружјето и подземната инфраструктура. Досега нашите сили уништија и конфискуваа противтенковски ракети, опрема, голем број оружје во Газа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на ИД.
Пропалестински демонстрации и протести за прекин на војната на Блискиот исток секојдневно се организираат во светот … Во Тел Авив граѓаните излегоа на улиците да го изразат незадоволството од израелската влада и политиките на премиерот Нетанјаху.
„Во која земја мајка си го бара синот во хорор видеа и се моли дека е киднапиран од убиствена терористичка организација? Во која земја мајката разговара со пријателот на нејзиниот син дали е подобро тој да биде киднапиран или починат?“-вели демонстрантка.
„Штом ќе бидам ослободен од Армијата, ќе ги тужам одговорните за овој огромен неуспех. А први во редот се израелската влада и Бенјамин Нетанјаху“, рече Лиор Села, борбен офицер во резерва.
Во меѓувреме, Хамас повика на меѓународна истрага за погубувањето на 137 цивили од израелската армија во Појасот Газа од почетокот на војната на 7-ми октомври. Од милитантната група со критики за текстот за резолуцијата на Советот за безбедност на ООН, која повикува на помош во Газа без прекин на непријателствата, нарекувајќи ја слаба и недоволна.
Маријана Димовска
