Свет

Откажани божикните прослави во Витлеем поради војната во Газа

24.12.2023 13:44

Во Витлеем, местото каде што според верувањата е роден Исус Христос нема прослава. Само мрачно бдение поради војната во Газа. Палестинските Христијани со свеќа в рака се помолија за мир. Од светото место испратија порака да се прекинат крвопролевањето, убиствата и одмаздата.

Најсветото место за христијаните за Божик, празно и пусто. Тишината ја пробиваат само црковните камбани, бидејќи реката верници низ улиците годинава изостанува. Витлеем, традиционално познат по радосните божикни прослави, исполнети со светлина, која го празнува раѓањето на Исус спасителот, сега има поинакво руво. Локалните власти решија да ги намалат свеченостите во знак на солидарност со палестинскиот народ, додека се водат крвави борби меѓу Израел и Хамас во разурнатата Газа. На плоштадот Магер, каде што обично стои украсена елка, општината постави уметнички дело, нарекувајќи го „Рождество под урнатините“.

„Ова нека биде порака до целиот свет. Сите го слават Божик, но не и Витлеем! Витлеем годинава го слави Божик на поинаков начин со порака до целиот свет дека Палестина страда, дека Витлеем страда. Го слави Божик под урнатини, не како сите други луѓе во светот“, изјави Рула Мајах – палестинска министерка за туризам.

„Ова дело го одразува токму она што се случува во Газа. Се навраќаме на пред повеќе од две илјади години кога светото семејство избега од страв од одлуката на Ирод и отиде во Египет за да го заштити детето Исус. Денес, палестинските семејства се насилно раселени шетајќи од место до место во Газа“, изјави Хана Хананије – градоначалник на Витлеем.

Патувањето до Витлеем, кој се наоѓа на околу осум километри јужно од Ерусалим, вообичаено не е лесно, но по нападот на Хамас на 7-ми октомври, Израел речиси целосно го ограничи движењето до ова свето место. Недостигот на туристи и верници лошо влијаат врз економијата на општината. Сувенирите, светите книги и уметничките дела, останаа на полиците да собираат прашина. Нема работа ниту, за рестораните и кафулињата.

„Речиси два месеца сме без работа. Отвораме секој ден, бидејќи ова место е дел од нашето срце, дел од нашата историја. Доаѓаме овде, јас и татко ми, брат ми, да ја читаме библијата за да останеме, да пиеме кафе, бидејќи навистина ова место е дел од нашето срце“, изјави Рони Табаш, продавач.

Празна остана и црквата „Христовото раѓање“, во која вообичаено за Божик има редици луѓе кои чекаат да влезат во пештерата која датира од 2-от век, а за којашто се верува дека е точната локација на христовото раѓање.

„Надвор е зона на самракот, овој Божик е многу различен од сите претходни празници. Радоста не постои, бидејќи луѓето се многу тажни за она што се случува во Газа.“

„За жал, атмосферата е тажна како што можете да видите, нема луѓе и туристи во црквата, местото на раѓањето на Исус“, велат жители на Витлеем.

Божик е радост и мир, но ние немаме нити мир, ниту радост, велат некои од свештениците во црквата. Додаваат-се молиме Бог со својата светлина да донесе мир, овде и насекаде во светот.

 

Маја Стојанова