Обид на опозицијата да влезе во Градското собрание во Белград, полицијата употреби солзавец
Инциденти на протестот на опозицискиот блок „Србија против насилството“ во Белград. Обид, насилно да се влезе во Градското собрание. Претседателот Вучиќ во вонредното обраќање повика на смиреност. Рече дека на улиците нема револуција...

Повеќе од 30 демонстранти се уапсени во полициска акција во центарот на Белград, по инцидентите на протест на опозицијата која бара поништување на изборите во Србија. Конфликтот меѓу полицијата и дел од демонстрантите почна пред Собранието во Белград. Дел од маскираните лица ја нападнаа градската куќа, додека полицијата која била внатре во зградата, употреби солзавец кон нив.
„Чија е таа зграда лево од мене? Чија е ова градско собрание овде. Александар Вучиќ, дали е ваша и на вашите крадци? Од вечерва оваа зграда ќе биде ослободена, тоа е планот“, Александар Јовановиќ Цута, српски опозициски политичар.
Неколку илјади граѓани, синоќа се собраа во центарот на градот на покана на најголемата опозициска коалиција „Србија против насилството“. Причината се тврдењата на опозицијата за изборна кражба на владејачката Српска напредна партија на изборите на 17-ти декември, што партијата и претставниците на државниот врв ги негираат.
„Земјата е доволно силна, нејзините институции се доволно силни да ја бранат демократијата, изборната волја на граѓаните на Србија, да го бранат Белград. Она што е исто така важно, е дека по еден ваков настан може да се види дека во регионот почнаа да зборуваат за успешна револуција што се случува. Јасно е дека тоа не е производ на внатрешна мудрост или глупост, туку е производ на геополитички околности во кои се обидуваат да ја уништат независноста и суверенитетот на Србија. Ќе ја зачуваме слободата на Србија затоа што тоа е најголемата вредност“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Претходно, Вучиќ изјави дека единствено од институциите на земјата зависи дали и кои избори ќе се повторат, со оценка дека гласањето на 17-ти декември поминало во демократска атмосфера и било најмирното во модерната историја. За денеска е најавен нов протест. Студентите во Белград ќе блокираат две сообраќајници, протестот почнува пред Министерството за државна управа.
Маријана Димовска
