Обиди за легализација на „Глобал“ уште од 2008-ма година
По легализацијата, извршена со потпис на струмичкиот градоначалник, трговскиот центар Глобал кој претходно беше дивоградба изградена на државно земјиште и на парцели кои биле предмет на денационализација е вметнат во катастарот...

Првиот човек на катастарот Трпевски објаснува дека обид за упис на објектот во катастарот има уште во 2008-та година кога врз основа на одобрение за реконструкција и надградба на градското пазариште е побарано запишување на Глобал во катастарот, но барањето е одбиено затоа што било спротивно на законите за градење и за катастар на недвижности.
„Глобал во катастарот е запишан оваа година врз основа на решение за легализација на дивоградба донесено од општина Струмица. Запишан е на тој начин што дел од приземјето, дел од петиот и дел од шестиот кат се запишани на ЈП Комуналец од Струмица, додека преостанатиот дел од градбата се запишани на две други приватни фирми“, вели директорот на Агенцијата за катастар, Славе Трпевски.
По легализацијата, извршена со потпис на струмичкиот градоначалник, трговскиот центар Глобал кој претходно беше дивоградба изградена на државно земјиште и на парцели кои биле предмет на денационализација е вметнат во катастарот. Неговите сопственци, се фирми блиски до струмичкиот градоначалник Сим Инженеринг и Де лукс инженеринг.
Тие ги искоиристија поволностите од законот, по цена од само едно евро за метар квадратен трговскиот центар од 40 илјади квадратни метри го легализираа и го претворија во недвижнина на пазарот вредна десетици милиони евра.
Легализацијата на Глобал предизвика голем медиумски интерес бидејќи актуелниот лидер на СДСМ, Зоран Заев пред шест години заедно со уште петмина соработници беше обвинет за криминал од осум милиони евра, поради изградбата на Глобал на приватно и државно земјиште. Случајот не доби судска разврска бидејќи беа аболицирани од порнешниот претседател Бранко Црвенковски.
Анита Димитријевска
