Култура

Премиера на „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона, за крај на годината во Театар Комедија

25.12.2023 11:29

Пиесата „Череп во Конемара“ е дел од трилогијата „Линејн“ и првпат е поставена во 1997 година во Градскиот театар во Голвеј. Дејството е сместено во рурално место во околината на градот Голвеј, во областа Конемара, каде што живеат навидум богоугодни и длабоко религиозни луѓе...

Последната премиера во Театар Комедија за 2023-та година е закажана на 30-ти декември, со почеток во 20 часот, на големата сцена во театарот. Станува збор за пиесата „Череп во Конемара“ од светски познатиот драмски писател и филмски работник, Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ, кој е воедно и преведувач на драмите на Мекдона на македонски јазик, заедно со драматургот Горјан Милошевски.

Пиесата „Череп во Конемара“ е дел од трилогијата „Линејн“ и првпат е поставена во 1997 година во Градскиот театар во Голвеј. Дејството е сместено во рурално место во околината на градот Голвеј, во областа Конемара, каде што живеат навидум богоугодни и длабоко религиозни луѓе. Недолго по разменувањето на првите реплики, се открива дека, всушност, ликовите се неморални, лицемерни, злобни, а дека Конемара е место каде што владее безвластие.

Мик Дауд е средовечен вдовец кој еднаш годишно, наесен, добива задача од локалниот свештеник да ги откопа останките од мртовците на гробиштата за да направи место за новите покојници. Заплетот се случува кога ќе добие задолжение да го ископа гробот на својата сопруга и кога ќе сфати дека гробот е празен. Мекдона го пародира паланечкиот дух користејќи морбиден хумор и гротескно карикирајќи ги негативните човечки особини. Неговите ликови се вулгарни, корумпирани, зависници, насилници, што кај читателите и гледачите на неговите пиеси попрво предизвикуваат сожалување, отколку осуда.

„Ова ќе биде моја четврта средба со Мартин Мекдона и мило ми е што токму во Театар Комедија ќе ја комплетирам трилогијата ’Линејн‘. Претставата ја работев со млада и енергична екипа, со која се надеваме дека на публиката ќе ѝ приредиме еден одличен емотивен ’ролеркостер‘, кој им пркоси на традиционалните жанрови“, вели режисерот Јане Спасиќ.

Претпремиерата на „Череп во Конемара“ ќе се одржи на 29-ти декември, а следната изведба е предвидена на 26 јануари 2024 година.

Со премиерата на „Череп во Конемара“ Театар Комедија ја спушта завесата на својата, повеќе од успешна 2023-та година, во која реализираше пет  премиери.

 

*Фото: Театар Комедија