Египет со нов предлог за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас
Објавен план за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во три фази за крај на крвопролевањата во Појасот Газа. На фронтот жестоки борби. Израелската одбрана наведува дека е блиску до оперативна контрола на северот, по што продолжува кон цели на југот. СЗО алармираат за ризик од глад, бараат брз прекин на огнот поради големиот број уништени здравствени установи...

Објавен новиот план на Египет за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во три фази. Во првата и втората фаза, кои би траеле од 7 до 10 дена, се предвидува ослободување израелски заложници и војници во замена за палестински затвореници. Во третата фаза, која би траела еден месец, би биле ослободени сите заложници и одреден број палестински затвореници, а Израел ќе ги повлече војниците од енклавата и ќе ги запре воздушните активности. На фронтот продолжуваат борбите. Десетици Палестинци загинаа во нападите врз бегалски камп во централниот дел на Појасот Газа.
„Сите ние сме цел. Нема безбедно место. Бевме раселени од Газа. Ни рекоа да излеземе и да одиме на безбедно место во центарот, а во централното подрачје многумина настрадаа“, рече лице раселено од градот Газа.
Израелската одбрана известува дека во борбите загинале припадници на армијата и наведува дека е блиску до оперативна контрола на северот на Газа, по што продолжува кон цели на југот.
„Ние сме во војна без избор, оправдана, коректна и етичка. Праведноста преовладува над се. Овој момент е тест. Нема да се скршиме, ниту да трепнеме. Пролеавме солза и продолжуваме заедно“, изјави Исак Херцог, претседател на Израел.
Од СЗО алармираат за ризик од глад во палестинската енклава. Упатија апел за итно воспоставување прекин на огнот поради големиот број уништени здравствени капацитети.
„Критичните случаи, лекарите и медицинските сестри се мачат, луѓето плачат. Овој тим не може речиси ништо да направи за да им помогне на сите овие луѓе. Апсолутен хаос е. 24 часа на ден непрекинато доаѓаат сериозни и критични повреди, овде имаме многу малку персонал кој би им помогнал на сите“, изјави Шон Кејси, СЗО.
Израелската војска соопшти дека со борбени авиони извршиле напад врз инфраструктурата на либанската група Хезболах, вклучувајќи воени комплекси, терористичка и оперативна инфраструктура.
Маријана Димовска
