Здравство

Седум пациенти со цистична фиброза ќе почнат да го примаат лекот „Трикафта“

25.12.2023 15:45

Пациентите што треба да почнат да примаат „Трикафта“ се веќе хоспитализирани на Детската клиника. Почна медицинската процедура околу нивна подготовка за примање на антибиотската терапија. Министерот Меџити признава дека проблемот на болните со цистична фиброза не е решен до крај, додека не се одреди и локација каде ќе бидат лекувани …

Лекарите ги прават последните подготовки седуммината пациенти со цистична фиброза да почнат да го примат лекот „Трикафта“ – потврдуваат од Клиниката за детски болести. Ќе примаат венска антибиотска терапија и ќе им се вршат биохемиски испитувања. Под медицински надзор ќе останат 10 дена, период кога треба да се видат и првите ефекти од лекот. Дел се од групата 55 нови пациенти. На секои 10 дена, на терапија ќе се вклучуваат по седум болни.

„Зошто 10 дена. Затоа што 10 дена се повикани во болница се дава венска антибиотска терапија којашто треба да биде поддршка во вклучување на модулаторната терапија „Трикафта“ и после тие 10 дена проверки, испитувања, документирање на ефектите, пациентите се испишуваат па доаѓа новата група и сè така додека не ги покријат сите пациенти кои се со таа генетика и можат да го примат лекот“, изјави Фики Гаспар – Асоцијација за цистична фиброза.

Лекот ќе биде достапен за сите пациенти над 12 години кои ги исполнуваат условите според здравствените протоколи. Министерот за здравство вели – проблемот на пациентите не е решен до крај, во наредниот период треба да се одреди и локација каде овие болни ќе бидат лекувани.

„Јас овој проблем го решив за кратко време и сè уште не е решен до крај. Ќе треба да се одреди локација каде овие пациенти ќе бидат згрижени, бидејќи како што знаете немаше стручна комисија, немаше јасни протоколи“, рече министерот за здравство Фатмир Меџити.

За набавка на „Трикафта“ властите обезбедија 854 милиони денари – пари кои ќе бидат доволни за наредните две години.

Кај 12 пациенти кои веќе примаат „Трикафта“, лекот дава резултати. Намалена е хоспитализацијата, подобрено им е дишењето и тие можат да функционираат нормално.

Во земјава со цистична фиброза живеат околу 140 граѓани, а речиси половина ги исполнуваат условите да ја земаат оваа модуларна терапија.

Андријана Ѓурческа