Македонија

Финансиската полиција ќе го „чешла“ тендерот за новогодишно украсување на Скопје

25.12.2023 16:36

Инспектори од финансиската полиција во Град Скопје го испитуваат спроведувањето на постапката за новогодишното украсување во главниот град...

Финансиската полиција влегува во Град Скопје. Од градоначалничката Данела Арсовска го бараат јавниот повик за новогодишното украсување на македонската престолнина, вредно 30.000 евра. Не откриваат повеќе детали за преземените мерки и активности во предистражната постапка.

„Имајќи в предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на одговорни лица, Управата за финансиската полиција ќе достави соодветен писмен поднесок до надлежниот јавен обвинител“, се вели во писмениот одговор на Управата за финансиска полиција испратен до Македонската телевизија.

За случајот минатата недела се огласи и Јавното обвинителство. Од таму посочија дека доколку Управата за финансиска полиција не оформи предмет за случајот со новогодишното украсување на Скопје, тогаш тие ќе го сторат тоа.

Од Град Скопје пак со став, украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици, а секоја друга вест е како што велат, обид за манипулација, сензационализам и шпекулации.

 

Марија Котовска