Протести по изборите во Србија

По вчерашните насилни протести, во Белград марш на незадоволни граѓани

25.12.2023 19:31

Центарот на српската метропола и денеска беше блокиран. Студентите излегоа пред институциите на државната управа. По вчерашните протести десетици повредени и речиси 40 уапсени. Опозицијата обвинува за изборна кражба од владејачката Српска напредна партија. Претставниците на државниот врв негираат …

Белград беше под неколкучасовна блокада. Протестираа студентите кои ја поддржаа коалицијата „Србија против насилство“. Бараат да се ревидира избирачкиот список и да се поништи изборниот процес, бидејќи сметаат дека е направен изборен грабеж. Поддршка добија и од нивните колеги од универзитетот во Нови Сад.

„Убеден сум дека имаше многу нерегуларности на изборите кои се одржаа минатата недела. Сметаме дека има докази кои покажуваат дека многу луѓе кои не живеат во Белград гласаа во градот. Денеска имаме блокади бидејќи министерството не ни ги покажа листите на луѓето кои гласаа. Ова е првиот чекор, доколку не добиеме одговор, повторно ќе блокираме“, велат демонстрантите.

30-тина уапсени, повредени демонстранти и граѓани, е епилогот од синоќешниот протест во Белград. Маскирани лица се обидоа насилно да влезат во зградата на Градското собрание, по што полицијата употреби солзавец. Во немирите се повредени осум полицајци

„Припадниците на српските полициски сили трпеа напади три часа. Тие се воздржаа од одговор, очекувајќи дека насилството нема да ескалира, а напаѓачите да престанат со нападот. За тоа време, за жал, се повредени осум полицајци. Меѓу нив неколку се здобија со сериозни повреди“, соопштија од српското МВР.

Српската напредна партија ги демантира тврдењата на опозицијата. Претседателот Вучиќ изјави дека единствено од институциите зависи, дали и кои избори ќе се повторат. Тој вели дека не се плаши од насилниците и нема да се крие.

„Бев на терасата на претседателството, таму ми е канцеларијата. Ништо не ме заплаши. Не побегнав во туѓа земја. Не се криев во ниту еден бункер. Никогаш нема да се кријам од насилниците. Секогаш ќе бидам блиску до својот народ, ќе ја браниме и чуваме демократијата. Ќе ги браниме и штитиме мирот и стабилноста во нашата Србија“, нагласи Вучиќ.

Блокадите траеа до 18 часот, кога почна протестот на коалицијата „Србија против насилството“ пред Републичката изборна комисија. Опозицијата најави дека ќе протестира сè додека не се исполнат нивните барања.

Викторија Милевска