Нетанјаху постави три предуслова за прекин на огнот во Појасот Газа
Израелскиот премиер Нетанјаху постави три предуслова за прекин на огнот во Појасот Газа. Дециден е дека Хамас мора да биде елиминиран. Во меѓувреме, Иран обвинува дека израелските сили во близина на Дамаск ликвидирале висок ирански генерал...

Израел има три предуслови за воспоставување мир во Појасот Газа, порача премиерот Нетанјаху. Хамас мора да биде уништен, Газа мора да се демилитаризира и палестинското општество мора да се дерадикализира, пишува Нетанјаху во авторскиот текст објавен во „Волстрит журнал“. Според него, да се постигне таа цел, мора да се расформираат воените способности на Хамас, а нивната власт над Газа мора да биде окончана. Претходно, висок воен советник на Иранската револуционерна гарда беше убиен вчера во израелски воздушен напад во близина на сирискиот главен град Дамаск. Иранскиот претседател Ебрахим Раиси рече дека убиството на Мусави ја покажува слабоста на Израел. Група поддржувачи на владата се собраа пред канцеларијата на претседателот во Техеран повикувајќи на одмазда по израелскиот воздушен напад во Сирија.
„Сеид Рази Мусави беше во Сирија како формален воен советник, ова беше кукавички чин направен од ционистичкиот режим и е против меѓународните конвенции и природно земјата-жртва има право да возврати. Израел дефинитивно ќе добие одговор на ова злосторство во вистинско време и вистинска ситуација“, изјави Хосеин Акбари, амбасадор на Иран во Сирија.
Од Тел Авив без коментар за случувањата. Во меѓувреме, израелската армија објави дека ги проширува борбите во јужниот дел на Појасот Газа.
„Силите продолжуваат да ја откриваат и уништуваат терористичката инфраструктура и објавуваме документација од базата на Хамас основана во индонезиската болница во Џабалија. Наодите што ги собравме докажуваат дека болничката област била користен од терористите на Хамас како собирен пункт пред убиствениот терористички напад на 7-ми октомври. Потоа беше користен и како засолниште“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската армија.
Израелскиот министер за финансии го отфрли предлогот на Египет и Катар да заврши војната во Појасот Газа и да се формира технократска влада која ќе управува со територијата, заедно со Западниот брег. Министерот, кој е на чело на крајно десната партија „Верски ционизам“, истакна дека израелската воена влада нема мандат да одобри таков план.
Маријана Димовска
