Србија

Вишиот суд ги одби барањата на СПН за повторување на изборите во Белград

26.12.2023 11:32

Вишиот суд ги одби барањата на СПН за повторување на изборите во Белград. РИК ги повторува изборите на 31 избирачко место во Србија на 30-ти декември. Опозицијата продолжува со протести...

По синоќешните блокади и мирни протести на опозициската „Србија против насилството“ пред Републичката изборна комисија за кражба и повторување на изборите во Белград, граѓаните синоќа и денес се во потрага по 38-те уапсени демонстранти, барајќи истите веднаш да бидат ослободени.

Се огласи и Стејт департментот со порака „властите во Србија со ОБСЕ да ги истражат тврдењата за изборни неправилности“, како и да ги истражат „наводите на ОДИХР и другите тимови за пријавени неправилности“. Но, денес, Вишиот суд ги одби жалбите на опозицијата и потврди дека ГИК не е надлежна за поништување и повторување на изборите во Белград, и приговорот го проследи до РИК. Самиот РИК пак денес одлучи изборите да се повторат на 31 бирачко место ширум Србија, за околу 15.000 гласачи, прогласувајќи изборна тишина од среда и повторување на гласањето на 30-ти декември.

Од опозицијата и понатаму ја обвинуваат власта за инцидентите пред Градското собрание на Белград поради „уфрлени елементи од полицијата“, седум лидери на опозицијата продолжуваат со штрајкот со глад, и за вечер повторно се најавени протести пред Републичката изборна комисија.

 

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ