ИЗРАЕЛ - ХАМАС

Нетанјаху: Хамас мора да биде елиминиран

26.12.2023 11:21

Хамас да биде уништен, Газа да се демилитаризира, палестинското општество да се дерадикализира“ – Нетанјаху со три предуслови за ставање крај на крвавата војна. Милитантите порачуваат, без прекин на огнот нема разговори за размена на заложници...

Израел има три предуслови за воспоставување мир во Појасот Газа, порача премиерот Нетанјаху. Хамас мора да биде уништен, Газа мора да се демилитаризира и палестинското општество мора да се дерадикализира, пишува израелскиот премиер во авторскиот текст објавен во „Волстрит Журнал“. Во меѓувреме, Израелската армија објави дека ги проширува борбите во јужниот дел на Појасот Газа.

„Силите продолжуваат да ја откриваат и уништуваат терористичката инфраструктура и објавуваме документација од базата на Хамас, основана во индонезиската болница во Џабалија. Наодите што ги собравме докажуваат дека болничката област била користена од терористите на Хамас како собирен пункт пред убиствениот терористички напад на 7-ми октомври. Потоа беше користен и како засолниште“, изјави портпаролот на израелската армијаДаниел Хагари. 

Иако, Советот за безбедност на ООН ја одобри резолуцијата за зголемување на помошта во Газа, бројот на камиони што влегуваат во енклавата е далеку од доволен. Многу области во централниот и северниот дел воопшто не добиваат од хуманитарните резерви.

„Претходно бев во градот Газа и дојдов овде, во овој камп Буреиџ како раселено лице. Вчера, окупацијата фрли летоци во кои бараше да се евакуираме. Сега не знам каде ќе одам. Немам друго место“, вели раселен Палестинец.

„Не знам каде ќе одиме понатаму. Нема место за нас. Тие го нападнаа градот Газа и не протераа, а сега е на ред централниот регион. Не можеме повеќе, едвај можеме да најдеме храна. Сакаат да одиме во Рафа на југ, кој е преполн со раселени. Овде, дури и во централниот регион, едвај наоѓаме место за престој“, рече друг.

Висок воен советник на Иранската револуционерна гарда, вчера беше убиен во израелски воздушен напад во близина на Дамаск.

„Сеид Рази Мусави беше во Сирија како формален воен советник, ова беше кукавички чин направен од ционистичкиот режим и е против меѓународните конвенции и природно, земјата-жртва има право да возврати. Израел дефинитивно ќе добие одговор на ова злосторство во вистинско време и вистинска ситуација“, изјави Хосеин Акбари, амбасадор на Иран во Сирија.

Група поддржувачи на владата се собраа пред канцеларијата на претседателот во Техеран, повикувајќи на одмазда по израелскиот воздушен напад во Сирија. Од Тел Авив без коментар за случувањата.

 

Маријана Димовска