Нетанјаху: Израел има три предуслови за воспоставување мир со Палестинците
„Хамас да биде уништен, Газа да се демилитаризира, палестинското општество да се дерадикализира“ – израелскиот премиер Нетанјаху со три предуслови за ставање крај на крвавата војна. Милитантите порачуваат – без прекин на огнот нема разговори за размена на заложници.

Израел има три предуслови за воспоставување мир во Појасот Газа, порача премиерот Нетанјаху. Хамас мора да биде уништен, Газа мора да се демилитаризира и палестинското општество мора да се дерадикализира, пишува израелскиот премиер во авторскиот текст објавен во „Волстрит журнал“. Во меѓувреме, Министерство за одбрана во Тел Авив ги разгледува заканите за Израел.
„Имаме војна на повеќе фронтови. Напаѓани сме од седум различни страни. Газа, Либан, Сирија, Јудеја и Самарија, Ирак, Јемен и Иран. Веќе одговоривме и беа активирани шест од овие фронтови. Секој што дејствува против нас, тој е потенцијална цел. Никој нема имунитет“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел
Висок воен советник на Иранската револуционерна гарда вчера беше убиен во израелски воздушен напад во близина на Дамаск.
„Нашата реакција на атентатот ќе биде паметна, силна и со потребната ефикасност. Исламската Република Иран, со својата моќ за одвраќање има способност за силен и паметен одговор на овие злосторства. Во соодветна прилика, време и место и со соодветен метод, ќе одговориме на терористичките злосторства“, изјави Генерал Реза Талаеиник, портпарол на иранското Министерство за одбрана
Иако Советот за безбедност на ООН ја одобри резолуцијата за зголемување на помошта во Газа, бројот на камиони што влегуваат во енклавата е далеку од доволен. Многу области во централниот и северниот дел воопшто не добиваат од хуманитарните резерви.
„Претходно бев во градот Газа и дојдов овде во овој камп Буреиџ како раселено лице. Вчера окупацијата фрли летоци во кои бараше да се евакуираме. Сега не знам каде ќе одам. Немам друго место“, изјави раселен Палестинец
„Не знам каде ќе одиме понатаму. Нема место за нас. Тие го нападнаа градот Газа и не протераа, а сега е на ред централниот регион. Не можеме повеќе. Едвај можеме да најдеме храна. Сакаат да одиме во Рафа на југ, кој е преполн со раселени. Овде, дури и во централниот регион, едвај наоѓаме место за престој“, изјави раселен Палестинец
Армијата на Израел објави дека ги проширува борбите во јужниот дел на Појасот Газа.
Маријана Димовска
