Руско-украински конфликт

Во украински напад уништен голем десантен руски брод

26.12.2023 14:47

Руското Министерство за одбрана потврди дека е уништен големиот десантен брод „Новочеркаск“ во украински напад врз пристанишниот град Феодосија на анектираниот Крим. Москва тврди и дека целосно ја презеле контролата врз стратешкиот град Маринка во близина на Доњецк. Украина го негира напредокот на непријателот и вели дека борбите во градот сè уште траат...

Руското Министерство за одбрана потврди дека е уништен големиот десантен брод „Новочеркаск“ во украински напад врз пристанишниот град Феодосија на анектираниот Крим. Бил погоден од крстосувачки ракети, лансирани од море. Во нападот загина едно лице, а неколкумина се повредени.
 

„Министерот за одбрана го извести претседателот Путин за нападот што Украинците го извршија врз Феодосија и за штетата што ја претрпе нашиот голем десантен брод“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Во пресрет на новата година руската одбрана тврди дека главната цел е исполнета-запрена е украинската контраофанзива.

„Главните напори во изминатата година беа насочени кон постигнување на целите на специјалната воена операција. Главната е да се попречи контраофанзивата на украинските вооружени сили, гласно објавена од Украина и нејзините сојузници во НАТО. Оваа задача е успешно завршена“, изјави Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.

Москва тврди и дека целосно ја презеле контролата врз стратешкиот град Маринка во близина на Доњецк. Украина го негира напредокот на непријателот и вели дека борбите во градот сè уште траат. Неизвесноста од нова воена помош ги подгреа стравовите на Украина, но жителите не дозволуваат моралот кај војниците да опадне.

„Ги носиме потребните работи – генератори, моторни пили, мрежи и друго. Потребни ни се и термички апарати. Речиси секое семејство има по некој војник на фронтот и секој се труди да помогне“, изјави Ина Колпак, коосновач на јавниот простор „Кропхаб“.

Во пресрет на зимата Украина најави нова мобилизација откако Киев објави Предлог-закон за намалување на старосната граница за воено регрутирање од 27 на 25 години.

 

Бојана Крстевски