Суспендирана акушерка од ГАК, ненамерно му пресекла дел од прст на новороденче
Суспендирана акушерка на скопска Гинекологија откако ненамерно му пресекла дел од прст на новороденче. Детски хирург успеал да ја санира повредата. Меџити не верува дека недостигот од кадар влијае на грешките…

Акушерка ненамерно отсекла мал дел од прст на новороденче на скопска Гинекологија, додека го подготвувала да си оди дома. Настанот се случил во почетокот на декември, кога акушерката на бебето со ножички му го отстранила фластерот од палецот. Повикан бил детски хирург кој ја санирал повредата. Акушерката е суспендирана и прераспределена е на друга работна позиција во болницата, каде нема контакт со новороденчиња.
„Акушерката била суспендирана, дадена на дисциплинска комисија и изречена ѝ е максимална казна според Законот за здравствена заштита, како и промена на работното место“, соопштија од Министерството за здравство.
Недостигот од медицински кадар во здравствените установи не е причина за вакви несреќни ситуации-вели министерот. Според Меџити, Клиниката за гинекологија не се соочува со дефицит од здравствен персонал.
„Колку што знам дефицит на кадар баш во Клиниката за гинекологија нема, напротив има хиперпродукција на висок кадар, односно на специјалисти“, изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити.
Здравство потврди уште еден несреќен случај на ГАК. Во август починала родилка и нејзиното бебе при царски рез, како последица на здравствените проблеми кои ги имала пациентката. Надлежните велат дека во земјава има стручно тело кое ги испитува сите случаи со фатален исход.
Андријана Ѓурческа
