Високо образование

Нови стипендисти од УКИМ

26.12.2023 15:12

Договор за доделување на стипендија потпишаа 58 нови стипендисти и 76 стипендисти на кои им се продолжува стипендијата која прв пат им беше доделена во 2021 година.

Во Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје денеска беа потпишани договори за стипендии. Стипендиите се доделуваат од Фондацијата „Атанас Близнакоф“. Договор за доделување на стипендија потпишаа 58 нови стипендисти и 76 стипендисти на кои им се продолжува стипендијата која прв пат им беше доделена во 2021 година.

„Близнаков е првенец во редот на донаторите на нашиот универзитет. Преку својот тестамент, во Фондацијата донирал дел од лично стекнатиот капитал, како средства наменети за стипендирање на талентирани студенти, кои немаат доволно материјални средства за школување. Со помош на доделените стипендии преку оваа фондација, многу некогашни студенти го оствариле својот сон, дипломирале и денес се многу успешни во својата област кај нас и во светот“, изјави ректорката проф. д-р Биљана Ангелова, која воедно е директор на Фондацијата.