Тетово

Да се повлече одлуката за уривање на крстот, за да се спречат тензии

26.12.2023 16:53

Тетовско-гостиварската епархија добила решение од Општина Тетово за отстранување на поставениот крст на црковниот имот на Попова Шапка. Оттаму најавија дека ќе поднесат жалба. Во меѓувреме, од СДСМ побараа повлекување на одлуката за уривање на крстот за да се спречат тензии…

Тетовско-гостиварска епархија добила решение од Општина Тетово за отстранување на крстот, поставен на црковен имот на Попова Шапка. Оттаму најавија дека ќе поднесат жалба.

„Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на зачестените провокации и да бидат посветени на мирот и добрите меѓурелигиски односи“, соопштија од Тетовско-гостиварската епархија.

Раководителот на општинскиот инспекторат потврди дека има решение за отстранување на крстот, но, оттаму рекоа дека отстранувањето ќе биде со другите над 5.000 решенија за уривање.

Од СДСМ предупредија да не се подгреваат тензии.

„Било какви провокации и дејствија може да предизвикаат тензии со сериозни последици, да подгреат раздор, верски, политички или етнички поделби меѓу граѓаните. Сите политички чинители, пред сè коалициските партии БЕСА и ДПМНЕ во Советот на општина Тетово треба да работат за доброто на сите граѓани на Тетово“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ укажаа дека никој нема право да го отстрани крстот од црковниот имот и рекоа дека одлуката не е ниту нивна, ниту на БЕСА, туку на општинскиот инспекторат.

Крстот на Попова Шапка беше поставен на 16-ти ноември на земјиште сопственост на МПЦ-ОА и храмот „Свети Наум Охридски Чудотворец“. Од црковниот одбор посочија дека е поставен како верско обележје и претставува урбана опрема.

Зоран Димовски