СЗО: Ситуацијата во болниците во Газа е застрашувачка
Координаторот на тимот за итна медицинска помош при Светската здравствена организација, Шон Кејси денеска во Газа изјави дека ситуацијата во болниците на палестинската енклава е застрашувачка...

Координаторот на тимот за итна медицинска помош при Светската здравствена организација, Шон Кејси денеска во Газа изјави дека ситуацијата во болниците на палестинската енклава е застрашувачка.
Тој посочи дека здравствените установи во Појасот Газа се преоптоварени, а многу од нив се целосно затворени.
„Ја посетив болницата Ал Акса, во централниот дел на Газа, која претходната ноќ прими повеќе од 100 повредени, а многу од донесените веќе беа мртви“, рече тој.
Тој истакна дека има премногу луѓе во болниците и затоа е многу важно да се спроведе резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, која повикува на отворање хуманитарни коридори.
На 22-ри декември, Советот за безбедност на Обединетите нации усвои изменет, ублажен текст на резолуцијата за Појасот Газа, која бараше итно забрзување на испораката на помош за цивилите во палестинската енклава, но од која повикот за „итно прекинување на непријателствата“ меѓу Израел и Хамас е отфрлен.
