Продолжуваат нападите меѓу Израел и Хамас
Растат стравувањата од проширување на војната на Блискиот исток. Ескалираат инцидентите со напади на комерцијални бродови во Црвено море. Израел и Хамас продолжуваат со борбите. Во Газа хуманитарната криза се продлабочува.

Зачестените напади врз американските трупи и комерцијалните бродови во Црвено море, го зголемија стравот од прелевање на конфликтот на Блискиот исток. Американските воздушни сили погодија цели на Катаиб Хезболах во Ирак, како одговор на претходен напад. Во Црвеното море пак, собориле над десет беспилотни летала и пет проектили истрелани од хутите. За продолжените напади во Црвеното море, информира и Израел.
„Успешно пресретнавме непријателска воздушна цел во црвеното море, која беше на пат кон израелска територија. Пукањето на хутите кон Израел е чин на терор извршен под иранско водство. Овие дејствија на непријателства не го таргетираат само Израел, тоа е глобален проблем“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелска одбрана.
Хамас ги обвини САД за лицемерие во нивната поддршка на офанзивата на израелската армија.
„Бајден го практикува најбезобразниот јазик на лицемерието. Зборува за цивилите и нивната заштита од една страна, а потоа зборува за заштита на нацистите и убијците и обезбедува оружје и политичка заштита од друга страна. Тоа го прави соучесник во злосторството и ние го сметаме за политички и морално одговорен“, изјави Осама Хамдан – висок функционер на Хамас.
И покрај повиците на САД за минимизирање на цивилните жртви, израелскиот премиер Нетанјаху најави продлабочување на борбите со ново предупредување за Хамас.
„Имаме борци на земја, понекогаш и под земја, и имаме очи на небото. Им велиме на терористите на Хамас: Ве гледаме и ќе стигнеме до вас. Се бориме до крај и со помош на најнапредната технологија“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Тел Авив повика на евакуација на населението, додека се водат жестоки борби во централна Газа и јужен Кан Јунис.
Бојана Крстевски
