Разгорување на огнот на Блискиот Исток
Страв од прелевање на конфликтот на Блискиот Исток по зачестените напади врз американските трупи и комерцијалните бродови во Црвеното Море. Хамас ги обвини САД за лицемерие во нивната поддршка на офанзивата на израелската армија …

Американските воздушни сили погодија цели на Катаиб Хезболах во Ирак, како одговор на претходен напад. Во Црвено Море собориле над десет беспилотни летала и пет проектили истрелани од хутите, сојузници на Техеран. За продолжените напади, информира и Израел.
„Пукањето на хутите кон Израел е чин на терор извршен под иранско водство. Овие дејствија на непријателства не го таргетираат само Израел, тоа е глобален проблем“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелска одбрана.
Продолжува вкрстениот оган со проирански Хезболах на либанска територија. Тие ја презедоа одговорноста за големиот воздушен напад врз кибуцот Рош Ханикра. Борбите се продлабочуваат и во Појасот Газа. Нетанјаху со ново предупредување до Хамас.
„Имаме борци на копно, понекогаш и под земја, и имаме очи на небо. Им велиме на терористите на Хамас: Ве гледаме и ќе стигнеме до вас“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Жестоки борби се водат во централна газа и јужен Кан Јунис, Тел Авив повикува на евакуација, СЗО алармира-здравствените капацитети се намалуваат.
„Здравствениот капацитет е 20 проценти од она што беше пред 80 дена. Речиси сите болнички кревети и служби не функционираат, или затоа што се погодени самите објекти, или поради персоналот кој е принуден да бега“, изјави Шон Кејси, координатор на тимот за итна медицинска помош на СЗО.
Хамас ги обвини САД за лицемерие во нивната поддршка на израелската офанзива.
„Зборува за цивилите и нивната заштита од една страна, а потоа зборува за заштита на убијците и обезбедува оружје и политичка заштита од друга страна. Бајден е соучесник во злосторството и ние го сметаме за политички и етички одговорен“, изјави Осама Хамдан, висок функционер на Хамас.
Нема најави за прекини на огнот, и Израел и Палестинците тврдат дека војната би можела да трае со месеци.
Бојана Крстевски
