САД: Шпионирањето е неопходно за безбедноста на државата

06.06.2014 11:36

Соединетите Американски држави нема да се откажат од шпионирање, бидејќи тоа е неопходно за безбедноста на државата, истакнуваат претставници на американските разузнавачки агенции. Јавноста во Америка е поделена во однос на потребата за продолжување на собирањето на информации од телефонски и интернет комуникации...

Една година по откривањето на скандалот со прислушувањето од Националната Агенција за безбедност од страна на Едвард Сноуден, Соединетите Американски држави соопштија дека ќе продолжат со активностите. Собирањето на разузнавачки податоци е неопходно за безбедноста на САД, истакнуваат американски официјални лица, додавајќи дека нема да  се прислушуваат обични луѓе коишто не се закана за државата.

„Не сме стигнале до крајот на историјата. Како што истакна и Директорот на НСА во сослушувањето пред комитетот за разузнавање во Сенатот, постои огромен број и ниво на закани што се поголеми сега отколку во последниве 50 години“, изјави Џон Крис Енглис- поранешен заменик директор на Националната Агенција за безбедноста- НСА.

Невладините организации за човекови права излегоа со податок дека НСА собрала 5 милијарди податоци од телефонски разговори, е-мејлови и интернет пребарувања од страна на луѓе во Америка.

„Дознавме дека НСА собира податоци буквално за секој телефонски повик направен или примен од американските мобилни оператори. Кога телефонирате, без разлика дали во земјата или во странство, НСА знае кого барате, кога ги барате и колку долго разговарате“, вели Џамал Џафер, Центар за американски демократски и граѓански слободи.

САД не се единствените држави коишто прислушуваат сомнителни лица, тоа го прават и други сојузници. Постои причина зошто мобилни телефони Блекбери и Ајфон се забранети за употреба во Белата куќа, истакнуваат американски претставници. Конгресот треба да гласа за реформите на разузнавањето, што предвидува намалување на ингеренциите како пред 2001-та.

Европскиот парламент неодамна донесе одлука за намалување на нивото на размена на разузнавачки информации со американските агенции.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ