ДКСК

Антикорупционерите со кривична пријава против поранешен директор на ЕСМ

27.12.2023 14:31

Антикорупционерите ќе поднесат кривична пријава против поранешен директор на ЕСМ и други службени лица во Министерство за економија и во ЕСМ, поради злоупотреба на службена положба при набавка на мазут за ТЕЦ Неготино...

Биле членови на Комисијата за јавни набавки за тендерот за мазут од 212 милиони евра, па му го доделиле на фирмата РКМ. Поранешен директор на ЕСМ и други службени лица во тендерската документација не барале економските оператори да го докажат техничкиот капацитет за испорака на мазут. Договорите за набавка со фирмата РКМ биле склучени со вредност пониска од понудената за истата количина, пробиени биле финансиските планови за јавни набавки на ЕСМ, утврдиле антикорупционерите. Со тоа овие лица предизвикале криза и пораст на цената на мазутот, и му овозможиле поголем профит на РКМ.

Постојат сомнежи за монополско здружување, затајување на данок и други кривични дела, додаваат од Комисијата.

Антикорупциска ќе решава со друга постапка за наводите дека ЕСМ Скопје извршил и продажба на ноќни вишоци на електрична енергија на една фирма по цена која била многу пониска од берзанската, според податоците и информациите на HUPEX. За сето ова ќе ја известат Финансиската полиција, Владата и други надлежни институции.

 

Фиљана Кока