Загинати и повредени во силната бура во Австралија
Откорнати дрвја и урнати далноводи, десетици илјади домаќинства без струја во австралиските источни држави Квинсленд и Викторија. Спасувачките екипи во потрага по исчезнатите лица во бурата која со себе донесе силни ветришта, а предизвика и поплави. Регионот на Квинсленд и натаму е под ризик од грмотевици, град, поплави и силен ветер...

Загинати и повредени во силната бура што ги зафати австралиските источни држави Квинсленд и Викторија. Повеќе од 80.000 домаќинства се без електрична енергија, а над 120 илјади се погодени од постојани прекини во електроснабдувањето. Невремето уништило неколку високонапонски бетонски столбови.
„Бројот на загинати во невреме во југоисточен Квинсленд сега се искачи на шест, а полицијата потврди дека човек кој бил исчезнат сега е пронајден починат. Мислите на сите жители на Квинсленд се со семејствата кои тагуваат во моментов“, изјави Стивен Мајлс, премиер на Квинсленд.
Областа и натаму е изложена на ризик од опасни бури и поплави кои потенцијално можат да бидат смртоносни, како и силен град и разорни ветрови, предупреди австралиската метеоролошка служба.
„Изминатите 24 часа беа многу трагични поради временските услови“, рече Катарина Керол, полициски комесар во Квинсленд.
Брод со 11 лица се превртел кај Бризбејн. Тројца мажи се удавиле, три лица од бродот се хоспитализирани.
„Ми рекоа дека условите на водата биле ужасни, бурата сè уште беснеела кога биле спасени. Многу е тешко да се преживее во тие услови, каде било, а камоли во заливот Моретон“, изјави Ендрју Пилото, вршител на должноста началник на полицијата во Квинсленд.
И, додека истокот на Австралија е погоден од силни бури, западниот дел се соочува со суша и шумски пожари.
Маријана Димовска
