Коцевски единствен наследник на Јовески, доби позитивно мислење од Советот на ЈО
Љупчо Коцевски е единствениот кандидат за наследник на досегашниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески кој замина во пензија. Коцевски доби едногласно позитивно мислење на денешната седница на Советот на јавните обвинители. Конкуренти за местото прв човек на државното обвинителство беа и обвинителките Лидија Раичевиќ и Фатиме Фетаи. Изборот на Советот на обвинителите, според Законот, треба да биде одобрен од Владата и изгласан во македонското Собрание...

Советот на јавни обвинители едногласно даде позитивно мислење за кандидатот Љупчо Коцевски да биде нов државен јавен обвинител. Кандидатката Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење, а членовите на Советот воопшто не разговараа за кандидатката Фатиме Фетаи, поради нецелосна документација.
Според процедурата, Советот на јавни обвинители дава позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење. Новиот државен јавен обвинител го бира Собранието, со мандат од шест години.
На досегашниот државен јавен обвинител, Љубомир Јовески мандатот му заврши на 25-ти декември, а за в.д. државен јавен обвинител беше избрана републичката обвинителката Соња Симовска.
Ана Јосифоска- Тодоровска
