Државата е безбедна, модернизацијата на Армијата продолжува
Армијата е целосно борбено подготвена за задачите за одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет, извршување мисии во странство и поддршка на системот за национална безбедност и справување со сите видови кризи...

Државата е безбедна, модернизацијата ќе продолжи наредната година со набавки на оклопни возила „Страјкер“ и ремонт на два транспортни хеликоптера, договори систем за противвоздушна опрема и нови осум транспортни хеликоптери, за зголемување на одбранбените капацитети на Армијата, истакна министерката за одбрана Петровска на годишниот брифинг со новинарите.
„Република Северна Македонија е безбедна и стабилна земја. Силно инвестираме во одбраната затоа што ништо не е поважно од тоа секој од нас и нашите најблиски да се чувствуваат сигурни. Затоа и во 2024-та инвестираме плански во зголемувањето на борбената готовност на Армијата, во набавката на нова и модерна опрема, но и во развојот на човечкиот потенцијал во одбрана“, изјави министерката Петровска.
Армијата е целосно борбено подготвена за задачите за одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет, извршување мисии во странство и поддршка на системот за национална безбедност и справување со сите видови кризи, изјави началникот на генералштабот Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
„Моралот, опремата, оспособеноста на вооружените сили се на високо рамниште. Продолжуваме со извршување на сите наменски задачи во 2024-та“, нагласи Ѓурчиновски.
Интересот за служење во Армијата е зголемен поради подобрите услови за работа и живеење.
Во 2024-та ќе се исполни критериумот на НАТО за воен буџет од два проценти од БДП, што е за 50 милиони евра поголем од буџетот минатата година.
Ирина Гелевска
