Македонија

Новогодишна честитка или неисполнета желба-продолжува неизвесноста за ангажираните со договор на дело во здравството

27.12.2023 15:55

2.500 ангажирани во здравството буквално ќе го чекаат Дедо Мраз за да знаат дали ќе добијат решение за вработување до крајот на годината. Министерот Меџити на денешниот брифинг со новинарите рече дека сè уште нема одговор за нив. Сепак, други се жалат оти се сведоци дека наместо нивните, имиња на непознати луѓе се вработуваат по здравствените диспанзери…

Новогодишна честитка за трајно вработување или неисполнета желба – околу 2.400 вработени во здравствените установи ќе бидат во неизвесност до последниот работен ден во оваа година. На 31-ви декември им истекуваат договорите на дело.

„Потребни сме на местото каде што работиме, мислиме дека нема да можат да продолжат без нас, а ние сè уште не знаеме што ќе се случи со нас по 01.01.2024 година и дали треба да дојдеме на работа“, изјави Биљана Џонова, медицинска сестра.

Не губат надеж, иако до Синдикатот веќе стигаат информации дека на конкурси се примаат луѓе кои никогаш не биле дел од здравствената установа.

„Во некои здравствени установи има конкурси за вработување, но, за жал, не се вработуваат тие што поминале тука пет до шест години, примаат луѓе од надвор. Тоа е нехумано, жално од раководителите, менаџерите на тие здравствени установи. И го замолувам министерот да се позанимава со таа проблематика“, вели Боби Бојчевски – претседател на Независниот синдикат на здравствени работници.

Конечната одлука министерот за здравство Меџити ќе ја соопшти в петок. Деновиве со Министерството за финансии ги усогласувале бројките на колку вработени би им се трансформирал работниот однос.

„Ги усогласивме бројките и ќе ни треба уште еден состанок за дефинитивно да одлучиме како понатаму, но ова навистина ќе биде како предновогодишна честитка, како шлаг на торта, до петок ќе се стрпите“, изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити.

Преку јавни настапи и протести, изминатиов период околу 2.400 медицински сестри, лаборанти, физиотерапевти, болничари и друг немедицински персонал посочија дека со договор на дело работат без здравствено осигурување на најчувствителните позиции и добиваат плата од 20 илјади денари.

Андријана Ѓурческа