Политика

Техничка влада: СДСМ ја заврши обврската, ВМРО-ДПМНЕ не открива имиња

27.12.2023 16:55

СДСМ ја заврши обврската за техничката влада. Тоа е законска обврска која мора да се почитува, во спротивно ќе се фрли дамка на изборниот процес, велат од власта. ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува, но засега не ги открива имињата на новите министри…

Откако ги завршија обврските за техничката влада и ги утврдија имињата на министрите, замениците и дополнителните заменици, СДСМ ќе ги интензивира разговорите со коалициските партнери. Лидерот на партијата Ковачевски засега не открива кога ќе се сретне со неговиот опонент Мицкоски, но повтори дека техничката влада е законска обврска која мора да се почитува. Ниту тој, ниту Спасовски нема да бидат дел од преодната влада.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите рече дека неговата партија ќе учествува во техничката влада, но не ги откри имињата на идните министри. Опозицијата нема да гласа за изборот на Талат Џафери за технички премиер.

На две посебни седници ќе се бира премиер и техничка влада, бидејќи актуелниот спикер кој е номиниран за премиерската позиција прво ќе мора да поднесе оставка, а потоа да се бира за предводник на техничката влада 100 дена пред избори. Во интервју за државната МИА, Џафери потврди дека сите процедури ќе завршат до крајот јануари.

Претседателските и парламентарните избори ќе бидат распишани истовремено на 14-ти или на 15-ти февруари, а Собранието ќе работи до почетокот на април, кога кампањата треба и формално да почне.

Викторија Милевска